Во пресрет на 72-риот роденден кој го одбележува на 3 април, Македонскиот народен театар в сабота (1 април) ќе организира роденденски маратон на кој ќе бидат изведени три претстави: од 13 часот „Силјан Штркот шанца“, од 15 часот „Животот е прекрасен“ и од 21 часот - 150-та изведба на „Сомнително лице“.

Директорот на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференција денеска рече дека „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Синиша Евтимов е култна претстава за нивниот театар и современа варијанта на комедија дел арте. Од премиерата во 2007 досега ја виделе 55.700 гледачи. Во екипата се десет актери, но во изминатата деценија во претставата поминале 30-ина актери.

- Ретко се случува еден театар да слави вака голем број на изведби. „Сомнително лице“ е една од култните претстави во историјата на Македонскиот народен театар. Секоја генерација на актери во МНТ некако ја носи таа убава одговорност да се прераскаже повторно „Сомнително лице“ на еден нов начин. Оваа наша генерација, благодарение на Синиша и на целата актерска екипа, добро си ја има завршено работата и во сабота ќе ја има 150-тата изведба. На бројот на гледачи што ја виделе, 55.700, може да позавидат и многу музички ѕвезди кои ќе дојдат еднаш, ќе имаат концерт во некоја поголема сала и тоа навидум изгледа како феномен. Но, мислам дека феноменот се вика театар и овојпат тоа е „Сомнително лице“, рече Пројковски.

Режисерот Евтимов рече дека оваа претстава му го сменила животот и понудата од МНТ во почетокот на 2007 година, како што рече, дошла во моментот кога размислувал како да се откаже од занимавањето со театар.

- Понудата за „Сомнително лице“ дојде од ведро небо и тоа реално ми го смени животот зашто веќе длабоко бев влезен во маркетингот и планирав да престанам да се занимавам со театар. Кој би рекол дека после десет години ќе седам овде, на прес по повод 150-та изведба на таа претстава. „Сомнително лице“ е еден од брендовите на овој театар, а и авторот Нушиќ е, исто така, бренд на овој театар и е поврзан со неговата историја, рече Евтимов.

Некои од актерите имале различни улоги во оваа претстава во различни периоди. Александар Микиќ во првите изведби беше Миладин, а во останатите 130-ина го игра ликот на Јеротие Пантиќ, улога која на почетокот ја играше Игор Џамбазов.

- Кога влетав, успеав да се вклопам во приказната за два дена со една проба. Ни на крај памет не ми беше дека ќе изиграм уште 130 претстави како Јеротие Пантиќ. Работата беше да се спасат две-три претстави кои беа продадени или да се прекине, но, ете, приказната продолжи и многу сум среќен поради тоа, истакна Микиќ.

Улогата на Миладин сега ја игра Сашко Коцев кој рече дека уште кога работел во Кумановскиот театар посакувал да игра во тип на комедија каква што е „Сомнително лице“.

- И, за само година и пол, добив понуда да го играм сомнителното лице, кое оттогаш го игравме шест актери. Потоа се случија нови промени - нова улога - Миладин, кој е втора моја улога во оваа претстава, рече Коцев нагласувајќи дека Нушиќ е безвременски автор и неговите комедии звучат како да се напишани денес. - А исто ќе биде и за илјадници години. Ова е Балкан а тој најдобро го има опфатено менталниот склоп на Балканецот, посебно во „Народен пратеник“, рече Коцев.

Нино Леви, кој го игра ликот Таса, рече дека нема поубав репер за успешноста на една претстава од бројот на нејзините изведби. - Овие јубилеи се драгоцени и многу им се радувам. Ова ми е петта претстава со толкав број на изведби, рече Леви.

Насловната улога сега ја игра Гораст Цветковски кој, како што рече, го сменил мислењето за оваа претстава кое го имал по премиерата.

- „Сомнително лице“ е една од првите претстави за која прашувам дали е гледана и ако не е, задолжително да ја гледаат, рече Цветковски, кој досега во претставата играл три лика.

Во актуелниот кастинг се и актерите: Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Никола Ристановски, Ванчо Петрушевски, Магдалена Ризова-Черних и Емил Рубен. Дел од актерската екипа учествуваат и во уште една Нушиќева претстава на репертоарот на МНТ - „Госпоѓа министерка“ која, исто така, неодамна имаше 150-та изведба.

За јубилејната изведба на „Сомнително лице“ в сабота МНТ ќе подари влезници за децата од СОС Детско село за кои, исто така, ќе бидат обезбедени и билети за следната изведба на новата претстава на МНТ - „Авантурите на Аладин“.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2017 12:45