Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на „Ghost in The Shell“, најновиот проект во кој се појавува Скарлет Јохансон како супер херој од јапонските манга стрипови, а чија премиера е вечер во Скопје.

Кристијан Даниловски, еден од основачите на ФХ3Х, истакнува дека „Ghost in The Shell“ е популарен јапонски стрип, еден од класиците на манга правецот.

– Ова е прв пат оваа франшиза да се појави во форма на игран филм, иако како серија датира од деведесетите години. Секако, научно фантастичниот жанр нам ни отвора простор да се истакнеме со она што го работиме и го знаеме, и со нетрпение очекуваме да го видиме резултатот, вели Даниловски.

На проектот, додава тој, е работено од мај 2016 до јануари 2017 година со тим од 130 артисти.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2017 11:42