Во Македонска опера и балет вечер ќе се одржи концерт на акузматична музика со танцов перформанс во кореографија на Елена Антонова - Петровиќ, а во изведба на ученици и студенти по современ танц од МБУЦ „Илија Николовски - Луј“ и ФМУ - Скопје.
На концертот премиерно ќе прозвучат новите акузматични композиции наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура, од авторите Кокан Димушевски, Дарија Андовска, Влатко Георгиев и Андреј Блажевски.
Консултант за актерска игра е Драгана Босниќ, дизајн на светло е Васко Лисичов. Балетскиот ансамбл ќе настапи во состав: Христина Ангеловска, Марија Ристеска, Ана Марковска, Теодора Ежовска, Тања Василевска, Бојан Мицев, Фросина Шуман, Исидора Краљевска, Даниел Коцев и Ангела Михова.
Kомпозиторката Дарија Андовска ја објаснува идејноста на делото „Apoptosis - a brief history of deaths“ како контролиран процес на програмирана смрт на клетките, кој се случува во мултиклеточни организми во текот на нивниот животен циклус. - Бидејќи откако ќе започне, не може да се сопре, овој процес е строго регулиран и може да биде инициран на два начина: во случај на заболување на ткиво, клетката се самоуништува зашто чувствува опасност или, во случај на развој на ткиво, клетката се самоуништува поради сигнал од другите клетки, вели Андовска и додава дека референцата кон „А brief history of time“ (Кратка историја на времето) од Стивен Хокинг само ја надополнува метафората за личниот микро - и макро - космос и внатрешните превирања.
- Делото „Ладно уништување“ е инспирација и резултат на случувањата во земјава, но и пошироко во светот. Елементите искористени во ова музичко дело ја „раскажуваат“ приказната на вечниот процес на создавање: распаѓање и повторно создавање, на акција и реакција, фузија и фисија... Музиката, звуците, музичката структура на ова дело ја изразуваат мојата индивидуалност и сензибилитет и говорат за состојбата во која се наоѓам како автор во мојата почетна музичка кариера, вели авторот Андреј Блажевски, кој смета дека танцовиот перформанс креиран врз звучната структура на делото ќе придонесе за поголемо музичко доживување меѓу посетителите.