Новиот филм „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски освои награда на филмскиот фестивал Аспен Шортфест 2017 во САД, каде што ја имаше и светската премиера. Фестивалот во Аспен се одржуваше од 4-ти до 9 април.

Овој експериментален краток филм на Манчевски во кубанско-американска копродукција ја освои престижната награда Елен која носи и 2,500 долари. Наградата е востановена во чест на Елен Кохнер Хант, основач и поранешна директорка на фестивалот во Аспен, Колорадо, еден од најреномираните фестивали на краткометражен филм во светот кои се квалификуваат за наградата Оскар.

Наградата Елен е дел од престижните официјални признанија на фестивалот, а според организаторите таа се доделува „на филм кој го отелотврува духот на филмската селекција на Аспен од 1976 до 1995“.

– „Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“. „Крајот на времето е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во киносала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин, изјави Манчевски.

Филмот е снимен во Сан Антонио де лос бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која почна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2017 19:39