Министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска денеска го посети Албанскиот театар во Скопје каде што интензивно се работи на реконструкцијата на објектот, кој се очекува да биде завршен до крајот на годинава.

За време на посетата, Канческа-Милевска истакна дека со ентериерната и екстериерната обнова и реконструкција на зградата на Албанскиот театар,чија вкупна површина изнесува околу 4.300 м2, ќе се добие современ објект со две сали, опремен со најсовремена сценска технологија согласно со постојните стандарди, како и внатрешна функционална реорганизација на објектот.

-Станува збор за прв голем зафат за целосна реконструкција на Театарот, по повеќе од 40 години од постоењето на објектот, за чија реализација е задолжена италијанската фирма „Скиентиа СРЛ“. Во изминатиот период се работеше на изведба на сценската технологија, се финализира изведбата на фасадата во пациото на објектот, електричните инсталации и се поставуваа вентилациски канали за машинските инсталации - рече Канческа-Милевска.

Таа додаде дека со реконструкцијата на зградата на Албанскиот театар, која се очекува да биде завршена до крајот на годинава, овој објект ќе биде ново место каде што уметниците ќе го збогатуваат мултикултурниот мозаик на нашата држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2017 00:20