Ракометарите на македонскиот првак Вардар попладнево го играат првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите против германски Флензбург и ова им е шанса за реваншот за елиминацијата од пред четири сезони исто така во четвртфиналето во ова натпреварување. Флензбург беше поуспешен поради повеќе голови постигнати на гости откако вкупниот резултат беше 49:49.

Вардар изминативе сезони знаел да победи како гостин во дуелите со германските екипи: Рајн Некар Ловен, Хамбург. Неизвесно е само колку на теренот на денешениот дуел ќе биде Игор Карачиќ, кој изминативе денови беше болен и не тренираше со полн интензитет.

Во пресрет на првиот дуел голманот на Вардар Арпад Штербик рече дека дуелот со Флензбург нема да биде лесен и дека се надева на победа.

– Тука сме каде што посакувавме да бидеме. Флензбург е нашиот ривал во четвртфиналето, нема да ни биде лесно, особено што ова е екипа која е кандидат за титулата во Бундес лигата. Но, ние сезонава ја играме добро и затоа сметам дека имаме шанси, истакна Штербик.

Почетокот на дуелот е во 17:30 часот, а судии се Ненад Крстич и Петар Љубич од Словенија.

Во истиот термин денеска играат и Веспрем и Монпеље, додека утре се играат дуелите: Кил – Барселона и ПИК Сегед – ПСЖ.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2017 12:11