Триумфот на Вардар на првиот четврт-финален натпревар од лигата на шампионите во Германија, 26-24 против Флензбург ни ја отвора вратата кон Ф4 турнирот во Келн. Добрата игра на нашиот тим не останува незабележана од страна на ЕХФ, и во најновото издание на видео-магазинот двајца играчи имаа свое место.

Голманот на „црвено-црните", Арпад Штербик имаше двоцифрен број одбрани во Германија, и доби место во најдобрата постава на колото. Со над 40 отсто успешност на одбраните, гостински триумф, повеќе одбранети зицери и топки после кои тимот реализира во напад се одлична препорака да се биде избран во друштво на најдобрите.

Штербик покрај изборот во идеалниот тим на колото, беше вклучен и во Топ-5 одбраните на колото.

За Тимур Дибиров, левото крило на вардарци нема нерешлива ситуација. Во контра е убоит, а кога треба да се изведе удар од некоја невозможна ситуација, тогаш до израз доаѓа неговата генијалност. Кога се гледа како игра Дибиров, тогаш ракометот изгледа како најлесната работа на свет.

Во второто полувреме од средбата против Флензбург постигна гол на кои сите му аплаудираа. Со „вртенка" реализираше, Вардар се радуваше на водството од 25-21, а Дибиров повторно ја покажа својата мајсторија.

Тим на колото на четврт-финалето на ЛШ

лево крило – Уве Генсхајмер (ПСЖ)

лев бек – Никола Карабатиќ (ПСЖ)

среден бек – Арон Палмарсон (Веспрем)

десен бек – Марко Вујин (Кил)

десно крило – Никлас Екберг (Кил)

пивот – Лудовиг Фабрегас (Монпелје)

голман – Арпад Штербик (Вардар)



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2017 01:07