Според последните податоци, во светот од новиот коронавирус досега се заразиле вкупно 25.745.059. Од нив починале 856.836, а оздравеле 18.024.796 луѓе.
Експерти за човекови права на ОН соопштија за 450 случаи на тортура и сурово постапување во Белорусија од страна на безбедносните служби во протестите против резултатите од изборите.
Американската Управа за храна и лекови (ФДА) издаде одобрение за итна употреба на брз тест за Ковид-19 на компанијата „Лаборатории Абот“.
Државните училишта во Њујорк, најголемиот училишен систем во САД, за 11 дена го одложуваат враќањето во школските клупи, закажувајќи ја првата средба на учениците за 21 септември, изјави градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио.
Папата Франциск денеска оцени дека пандемијата на коронавирусот покажа дека планетата може да се опорави, доколку тоа и биде дозволено.
Индиското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека кинеските трупи вчера биле ангажирани во провокативна акција на границата, дури и во време додека воените команданти разговарале со цел да ги намалат тензиите.
Поранешниот судански претседател Омар Ал Башир денеска се појави пред Суд на почетокот на постапката против него во врска со воениот удар што го донесе на власт во 1989 година.
Во Израел денеска е регистриран рекорден дневен раст на новоинфицирани со коронавирус, и тоа на почетокот на неделата во која почнува новата учебна година, соопшти денеска Министерството за здравство.
Европската унија ја предупреди Унгарија дека не може да ги затвори своите граници за сите странци и да им дозволи враќање само на своите граѓани, откако унгарската Влада денеска воведе нови заострени мерки како одговор на, како што наведе, вториот бран од инфекции на коронавирусот во Европа.
Александар Гинтсбург, директор на Институтот за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ во Русија, изјави дека не се планира руската вакцина за коронавирус да биде достапна за другите земји во следната година, се додека руското население не се вакцинира, пренесува Тасс.