Почнува искористувањето на пет милиони евра, што Владата ги обезбеди за наредните две години со цел да го стави во целосна функција Хирдосистемот „Злетовица, што е најсовремениот систем за водоснабдување во земјава.
Здружението на стечајни работници- УНИТ очекува да бидат опфатени дополнителен број стечајци со измените и дополнувањата на законот за стечајци. Од здружението велат дека разговарале со Министерството за труд и социјална политика за можни измени и дополни.
Повеќе од 49,3 милиони денари грантови ќе добијат 12 невладини организации и асоцијации за спроведување на проекти со кои ќе се поттикне локалната и регионалната конкурентност во туризмот.
Обединетите Арапски Емирати (ОАР) се заинтересирани за инвестиции во Македонија преку кои би ги презентирале најновите технологии во земјоделството. Ова денеска на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски му го соопштил министерот за климатски промени и животна средина на ОАР под чија ингеренција е и секторот земјоделство, Тани бин Ахмед Ал Зејуди.
Собранието денеска во рамки на 81. седница изгласа измени и дополнувања на Законот за трговија на зелените пазари, со кои се овозможува дополнителен рок за преодната одредба во која се предвидува вршење јавни овластувања за упис во Регистарот, издавање легитимација, издавање решение за упис на промена во Регистар, како и издавање решение за одјавување на дејноста.
Владата со нови критериуми за ставање на проектите на листата за капиталните инвестиции во Буџетот ќе се обиде да ја подобри нивната реализација. Согласно новите критериуми, проектот ќе треба претходно да биде технички подготвен и да постои реална можност да се реализира за да биде ставен на листата, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Индустриското производство во текот на 2018 година забележа раст од 5,4 отсто во однос на петходната година. Индустриското производство забележа раст и на месечно ниво. Во декември 2018 во однос на декември 2017 година има раст од 7,9 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Постои взаемен интерес и волја да продолжи да се унапредува соработката меѓу Македонија и УСАИД, констатирале вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и новата директорка на Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Гречен Биркл.
Во Владата на Република Македонија денеска ќе бидат доделени договори за подгрантови за јакнење на невладините организации и асоцијации од туристичкиот сектор.
Меѓународниот монетарен фонд во извештајот за Република Македонија за 2018 година објавен денеска ја оценува поставеноста на монетарната политика како соодветна, а банкарскиот сектор стабилен.