Адвокатската заедница – Гостивар по повод Нова година донираше пакетчиња за децата од социјално загрозени семејства и деца во згрижувачки семејства. Подароците ќе им бидат врачени преку службите на Центарот за социјална работа Гостивар.
Општина Куманово ќе отпише долгови на граѓани и на фирмите кои не ги плаќале обврските во периодот од 2004 до 2010 година. За фирмарина се отпишуваат долговите заклучно со 2010, а за данок на имот за физички и правни лица заклучно со 2008 година.
На Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип синоќа почна Новогодишната приказна. Децата од двете детски градинки„Астибо“ и „Вера Циривири-Трена и учениците од штипските основни училишта, како и балетските групи во наредните денови ќе се претставуваат пред публиката.
Во организација на македонското друштво „Сонце” и во соработка со Универзитетот „Фан Ноли” од Корча, денеска со почеток во 11 часот на Земјоделскиот факултет во Корча, ќе се одржи научен симпозиум за животот и литературното дело на Стерјо Спасе.
Сите четири ски лифтови, Тетекс 1 и 2, Аеродром и Ге како и двете жичарници Свети Илија и таа на една од најатрактивните патеки Церипашина се целосно подготвени за претстојната скијачка сезона во зимскиот центар Попова Шапка информираа од Елем турс.
Во Делчево вечерва се одржа завршен новгодишен концерт на делчевскиот Центар за култура на кој настапија Фолкорната група ,Вапцаров“, Оркестарот на народни и изворни инструменти и Пејачката група „Ѓурѓа“.
Ослободување од плаќање на данок на имот за кавадаречките бранители од конфликтот во 2001 година, ваква одлука едногласно донесе Советот на општина Кавадарци, по барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери.
Водостојот на Треска на мерното место кај Македонски Брод е за осум пати понизок од вообичаениот за декември, а и нивоата на сите останати реки во земјава се пониски од просекот за овој месец, покажуваат последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес имаше работен состанок со градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски.
Нова градинка со капацитет да згрижи околу 140 деца почна да се гради во село Стајковци. Градинката ќе има шест занимални за деца од две до шест години и една група јасли за деца до две години. Вредноста на проектот е во висина од 30 милиони денари, средства обезбедени од општина Гази Баба. Изградбата на градинката треба да заврши до октомври наредната година.