Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска најави дека од утре од Пехчево почнува полагањето на ловечкиот испит.

Со законските измени процедурата е поедноставена, а електронското полагање кое досега беше само во Скопје, се укинува. Полагањето од сега ќе се одвива низ цела Македонија.

Како што напомена министерот, по Пехчево, испитот продолжува да се спроведува во Кичево, Скопје, Струмица и на 30 јуни во Крива Паланка.

- Од утре од Пехчево почнува полагањето на ловечкиот испит и со тоа им овозможуваме на околу 2.000 апликанти, кои со години чекаат да полагаат, да го положат ловечкиот испит, истакна Николовски на средбата со ловни друштва од струмичкиот регион, Валандово и Радовиш.

Според него, испитот ќе се полага во ист ден, со многу помалку трошоци за идните ловци. - Ги поедноставивме процедурите, а тоа значи повеќе пари за ловните друштва, нови членови, но и наш целосен фокус на овој сектор.

Николовски информира дека продолжуваат разговорите со Ловечката федерација, со сите концесионери и со ловечките друштва за до крајот на годината да се подготви нова законска регулатива со која треба да се решат долгорочните проблеми на имаат ловците, а ќе се воведе и нова регулација во секторот.

Според претседателот на Ловното друштво „Беласица“ од Струмица, Марјан Даскаловски, Николовски е прв министер кој се сретнал со ловците од Струмичкиот регион. - За ловците голем проблем беше полагањето на ловечкиот испит, бидејќи електронскиот начин имаше многу нелогичности. Се полагаше електронски во Скопје, но практично. Тоа никаде го нема, рече Даскаловски.

Тој оцени дека македонското ловство според степенот на развој е на последно место во Европа. Поради тоа, рече, ќе се формира работна група од претставници на МЗШВ, науката и Ловечката федерација за да се види во кои делови Законот за ловство треба да се смени и веќе наесен законските измени да се најдат пред Собранието на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2018 13:59