Штип денеска одбележува 23 години од смртта на Димитар Двојаковски и Влатко Петров, кои животите ги загубија кај село Ваксинце, во воениот конфликт во 2001 година. Делегации на Општина Штип, АРМ, државни институции, политички партии, Здруженија на граѓани положија цвеќе на споменикот во паркот Суитлак во Штип.

Васе Јовевски од Здружението на граѓани „Влатко Петров“ вели дека и по 23 години се свежи сеќавања, болка која не се заборава.

-Тешко е да се опишат чувствата за денешниот ден. Влатко ми беше сосед . И по толку години болката се уште е свежа и не минува, рече Јовевски.

Според кажувањата, кобното утро Влатко Петров и Димитар Двојаковски, биле дел од групата составена од седум војници кои со транспортер се враќале од терен. Иако имало барикади кај Ваксинце, добиле наредба да продолжат. Драгица Петрова во пригодната реч истакна дека Петров и Двојаковски со останатите војници влегувајќи во селото, биле веќе во заседа од УЧК и нападнати од сите страни.

-Кога ја поминале првата барикада веднаш се нашле во заседа. Се нашле сардисани од сите страни, без можност за борба. Поразителен е фактот дека сите биле убиени. Познато за тој напад е што соодносот на војниците наспроти терористите бил еден спрема 10, односно биле нападнати од околу шеесетина, рече Петрова.

Димитар Двојаковски е роден на 22 април 1972 во Нова Горица, а Влатко Петров 23 јули 1977, во штипското село Чардаклија. Семејството на Петров се подготвуваше за неговата свадба, а Двојаковски зад себе остави едногодишен син.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2024 20:38