Компанијата Фејсбук соопшти дека ќе ангажира уште 3.000 лица, кои ќе ги контролираат видео материјалите и постовите, што корисниците ги постираат на мрежата, а имаат криминална или проблематична содржина. Веста уследи откако на оваа социјална мрежа се најдоа неколку случаи на убиства што беа пренесувани во живо, пренесоа американските медиуми.

Фејсбук веќе има ангажирано 4.500 лица, кои ги имаат истите обврски.

Соопштението денеска го лиферуваше самиот шеф на компанијата, Марк Зукерберг, преку свој пост на социјалната мрежа.

Во последно време мрежата Фејсбук е подложена на критики дека не прави доволно за да ја спречи појавата на проблематични случаи, како што беа убиството на бездомник во Кливланд и на бебе во Тајланд, кои беа гледани од милиони корисници во живо на Фејсбук.

Видео материјалите и постовите, што пропагираат насилство, им противоречат на правилата на Фејсбук. Во повеќето случаи, меѓутоа, компанијата им посветува внимание и евентуално ги отстранува од мрежата откако корисниците ќе известат за нив.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2017 10:11