Холандскиот тренер Роналд Куман изјави дека му е сон еден ден од клупата да ја предводи Барселона, но додаде дека моментно е посветен само на работата во Евертон.

Куман играше за Барселона од 1989 до 1995 година, а медиумите го поврзуваат со каталонскиот клуб откако Луис Енрике најави дека ќе си замине на крајот на сезоната.

Тој во Евертон стигна минатото лето од Саутхемптон, а до крајот на договорот со клубот од Ливерпул му остануваат уште две години.

„Сите знаат дека сум од Барселона, сите ја знаат мојата љубов кон клубот во којшто пораснав и како човек и како фудбалер“, изјави Куман за шпанските медиуми.

„Во фудбалот, како и во животот и во работата, за сè може да се разговара, да се дискутира... Јас имам два сона кои сакам да ги исполнам во тренерската кариера. Првиот е да бидам селектор на Холандија, а вториот е еден ден да бидам тренер на Барселона. Тоа е вистината“, додаде Куман.

Тој изјави дека сепак е сконцентриран само на Евертон.

„Но, сега сè му должам на Евертон, имаме големи и возбудливи проекти и ќе даваме сè од себе за да се избориме за Лигата на шампионите за наредната сезона“, изјави Куман.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2017 11:32