Бошко Ѓуровски, поранешниот селектор на македонската репрезентација, ќе го води првиот тим на Црвена ѕвезда до крајот на сезоната, соопштено е на седницата на одборот за итни прашања.

Миодраг Божовиќ, досегашниот шеф на стручниот штаб, на вонредна конференција за медиумите изјави дека веќе нема да биде тренер на Ѕвезда, на три кола пред крајот на шампионатот.

Клубот од Љутица Богдан на седницата на одборот за итни прашања одлучил „црвено-белите“ до крајот на сезоната да ги води Ѓуровски, кој во 2007 година беше на клупата на Ѕвезда, а ќе му помага Милан Косановиќ.

Црвена ѕвезда во саботата изгуби од Вождовац со 3-2, по што заостанува со три бода зад водечкиот Партизан на табелата на Супер лигата, на три кола пред крајот на првенството во Србија.

Ѓуровски тренерската кариера ја почна во Сервет, а потоа отиде во Србија, каде што го предводеше: Работнички Обреновац, Рад, Срем, ПСК Панчево и Раднички Ниш.

Во 2006 година му беше помошник на Душан Бајевиќ во Ѕвезда, а во март 2007 година ја презеде таа функција од Бајевиќ, кој за време на натпреварот со Војводина од Нови Сад поднесе оставка. Ѓуровски тогаш со „црвено-белите“ ја освои двојната круна.

Помошникот на Ѓуровски, Косановиќ, е поранешен тренер на кадетската репрезентација на Србија.

Ѓуровски ќе биде промовиран денес, кога ќе ги одработи првите тренинзи со тимот, а прв натпревар ќе му биде реваншот од полуфиналето на Купот со Чукарички.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2017 13:40