Извршниот директор на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), г. Александар Зарков потпиша меморандум за соработка со директорот на Агенција за цивилно воздухопловство на Република Македонија (АЦВ), г. Горан Јандреоски.

Целта на меморандумот е зајакнување на деловната соработка на неколку актуелни полиња за компаниите навремено да бидат информирани во врска со едукативните, проектните активности, како и редовно консултирање при донесување на регулатива во надлежност на АЦВ, за поголема продуктивност на компаниите.

„Меморандумот е всушност официјализирање на нашата досегашна соработка и интензивирање на истата. ССК заедно со Агенцијата за цивилно воздухопловство согласно регулативата ќе ги детектираат најсовремените трендови кои треба да ја зголемат продуктивноста на компаниите, а при тоа да се запази општествената одговорност. Тука спаѓа и овозможување на користење воздухоплови за комерцијален транспорт, воведување на нови дестинации што придонесува за полесна комуникација со потенцијални партнери и инвеститори од странство, користење на карго транспорт како и користење на воздухоплови за специјализирани услуги и воздухоплови без екипаж популарно наречени дронови во различни сектори и области од индустријата, а особено во земјоделството каде светските искуства кажуваат дека овој начин е далеку попродуктивен и поекономичен од конвенционалниот метод кој чини поскапо и за кој е потребно повеќе време. Започнувајќи од овој пример од агро бизнис секторот, заедно ќе работиме на детектирање на трендовите и во останатите сектори како индустрија, туризам и согласно регулативата ќе ги следиме и промовираме трендовите кои генерираат поголема продуктивност кај компаниите“, изјави Зарков.

Директорот на АЦВ, Јандреоски по потпишувањето на меморандумот истакна дека двете институции взаемно ќе работат на размена на искуства, стручни знаења, едукација и усовршување на кадри во различни области од заеднички интерес.

„Главните регулаторни функции на Агенцијата за цивилно воздухопловство се однесуваат на обезбедување на безбедносно работење на субјектите на воздухопловната индустрија како и на безбедно одвивање на целокупното воздухопловство во Република Македонија. Соработката со Сојузот на стопански комори е од голема важност и претставува импулс повеќе во развојот на севкупните општествени процеси, кои налагаат, заедничка активност со компаниите за што подобри резултати. Заедно ќе работиме на едукација, заедничко учество на меѓународни настани, обуки, конференции, проекти кои ќе придонесат за реализација на зацртаните цели и јакнење на меѓусебната соработка“, изјави Јандреоски.

Прва позначајна активност која ќе биде спроведена неделава е дводневна работилница со искусeн предавач од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од Англија насочена кон политиките и правилата за јавни набавки во ЕБОР Проекти. Целта е да се воспостави професионален дијалог во врска со најдобрите практики во јавните набавки, за да се обезбеди квалитетна конкуренција на проектите во јавниот сектор. Ова е уникатна можност за учесниците од прва рака да се запознаат со предностите за набавките и политиките на ЕБОР за набавки, како и да се идентификуваат главните прашања за јавните набавки во текот на имплементацијата на проектите.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2017 18:34