Жозе Мурињо, менаџерот на „црвените ѓаволи“, во негов стил даде коментар за вчерашниот поразот на Манчестер јунајтед од Арсенал.

Тоа беше прва победа на Арсен Венгер над Мурињо во Премиер лигата во 15 натпревари.

„Среќен сум за Арсенал. Ова е прв пат да си одам од теренот и да ги видам нивните навивачи среќни. Си одев од ‘Хајбери’, тие плачеа, си одев од ‘Емирати’, тие плачеа, шетаа низ улиците со наведнати глави. Денес одат со шаловите. Тоа е голем клуб. Мислите дека уживам што толку голем клуб не освојува трофеи? Не уживам, но се обидовме да ги победиме“, изјави Мурињо, кој се поздрави со Арсен Венгер пред почетокот на натпреварот.

„Арсен Венгер не е мал менаџер, тој е голем менаџер. Доби толку натпревари во кариерата, а тоа не е нормално. Се ракувавме, немам никакви проблеми со него. И во текот на натпреварот се ракувавме. Но, тој константно врши притисок на четвртиот судија“, додаде менаџерот на „црвените ѓаволи“.

Мурињо додаде и дека Јунајтед нема шанси да се пласира меѓу првите четири екипи во Премиер лигата. „Тоа е невозможно. Од две причини. Не верувам дека екипите коишто не играат во текот на неделата ќе изгубат.

Другата работа е дека мораме да се сконцентрираме на дуелот со Селта и нема да бидеме подготвени за Тотенхем. Потоа доаѓаат Саутхемптон и Кристал палас. Ја бркаме Лигата на шампионите низ Лигата на Европа“, изјави Мурињо.

Јунајтед е петти во Премиер лигата со 65 бодови, четири помалку од Сити и пет помалку со натпревар помалку од Ливерпул.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2017 18:40