Интегрален текст од обраќањето на Претседателот Ѓорѓе Иванов.
Кога на 9 мај 1945 година оружјето замолкна во Европа, многумина се прашуваа дали музиката е возможна по ѕверствата на Втората светска војна. Дали по уништувањата, човештвото има морално право да твори уметност. Тоа секако ќе беше огромна загуба за сите нас, бидејќи е тешко да се замисли светот без музиката, танцот, песната, операта.
Секој љубител на операта знае дека успехот на овој голем уметнички потфат најмногу зависи од две нешта. Прво, од умешното свирење со музичкиот инструмент создаден од човекот. И, второ, од правилното користење на човечкиот глас како најсовршениот инструмент подарен од Бога. Балетот, пак, кон нив го придодава и танцот. Како симбиоза на музиката, зборот и танцот, операта и балетот се најтешките музички и уметнички форми. Оттука, стремеж на секое општество и култура е да се најде на светската оперска и балетска мапа.
Нашата македонска приказна започна во мугрите на македонската држава – само три години по АСНОМ, со основањето на оперскиот ансамбл во 1947 година и премиерата на Кавалерија Рустикана. Љубителите на класичната музика секако знаат дека ова е првото и најзначајно оперско дело на Пјетро Маскањи. Но не сите знаат како настанало.
Младиот Маскањи во последен момент дознал дека има конкурс за опера за млади композитори кои до тогаш не напишале ниту една опера. Во духот на реализмот, инспириран од еден расказ на Верга, Маскањи за помалку од два месеци го завршил делото. Сепак, младиот композитор не бил целосно задоволен од квалитетот на своето дело. Партитурата му ја пратил на својот пријател Пучини за второ мислење. Иако Пучини сметал дека оваа опера нема никаква шанса да победи на натпреварот, во знак на добра волја ја препратил кај својот издавач, кој операта на дебитантот веднаш ја отфрлил како безвредна. Обесхрабрен, Маскањи кренал раце. Но, не и неговата сопруга, која без негово знаење ја пратила партитурата на конкурсот. Во 1890 година, во конкуренција на 73 опери, Кавалерија Рустикана убедливо победила.
Неговата прва опера била премиерно изведена на 17 мај 1890 година. 57 години подоцна, новоформираната Македонска опера и балет дебитираа на македонската сцена со операта со која дебитираше и самиот Маскањи – Кавалерија Рустикана.
Orden_MOB_1Драги пријатели,
Верувам дека ова дело не било случајно избрано, бидејќи, начинот на неговото создавање во себе носи голема симболика.
Прво, зборува за младите. Свесно или не, доајените на младата македонска опера преку премиерата симболично го изразија потенцијалот на младите, се уште недокажани македонски уметници. Оваа институција и овозможи на цела наша плејада на талентирани и врвни музичари и истакнати солисти да се стекнат со неповторливо искуство.
Второ, добронамерната помош е добредојдена. Ние не секогаш можеме сами. Доволно е да се сетиме дека процутот на македонската опера и балет е тесно поврзан со маестро Ловро Матачиќ кој помогна во насочувањето на потенцијалот на македонските музичари.
Трето, неопходна е самодоверба. Во животот ќе има многумина кои ќе не обесхрабруваат. Доколку критичарите го имаа последниот збор, денес никој од нас овде немаше да знае за Маскањи и за Кавалерија Рустикана. Но, еден чекор на верба промени се.
Токму таков чекор на верба направија и уметниците кои пред 70 години ги поставија темелите на Македонската опера и балет.
Таков чекор на верба направивме и ние во 1991 година, кога прогласивме суверена и независна Република Македонија, тогаш кога некои се сомневаа во нас. И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Се додека идејата на слободата и независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме.
Водени од овие три нешта, нашите уметници самоуверено ги започнаа и „Мајските оперски вечери" кои годинава се одржуваат по 45-ти пат. Нашите уметници дебитираа на светските оперски и балетски сцени. Некои од нив станаа наши амбасадори на културата низ сите меридијани. Нивните настапи се сведоштво дека Македонија е татковина на извонредни креативци.
Затоа, на овој свечен ден, 9 мај, како Претседател на Република Македонија имам чест на Македонската опера и балет да и доделам Орден за заслуги за Македонија. Овој орден е признание за успешното промовирање на македонското и на светското творештво од областа на оперската и на балетската уметност.
Овој орден е признание за улогата што Македонската опера и балет ја има во победата на креативноста над деструктивноста и музиката над тишината.
Со таа мисла, на самиот крај, ви посакувам едно нешто: да имате се повеќе распродадени концерти и во Македонија и во светот.