Високата претставничка на Европска унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска го честиташе Денот на Европа оценувајќи дека иднината на ЕУ е избор што му припаѓа на секој граѓанин и е од значење за целиот свет, но дека ситуацијата во Унијата е далеку од совршена и оти е неопходна промена.
Могерини во видео пораката објавена на интернет страницата на Европската служба за надворешни работи, наведе дека е можно подобрување.
– Во актуелното глобално опкружување, нашите пријатели ширум светот гледаат на нас, на ЕУ, како на сигурна супресила за мир и човеков развој, а можеби и единствена. Тоа не значи дека сме совршени, далеку од тоа. Промена во ЕУ е неопходна, но промената е можна и се случува, посочи Могерини.
Таа нагласи дека изборот за посилна ЕУ во светот „ни припаѓа нам“.
– Изборот за повеќе правда, повеќе безбедност и порамноправна Европа ни припаѓа на нам, на сите нас. Тоа е суштината на Денот на Европа. Не на иднината на европските институции, туку на иднината на секој граѓанин поединечно, порача Могерини.
Таа потсети дека ЕУ „наполнила“ 60 години, додавајќи оти тие се 60 години мир, заштита на работниците и можност за работа, години на слобода и права.
– Иднината на ЕУ не е нешто што сме наследиле од нашите предци, туку ЕУ е вредност во кои веруваме, партнерството што го градиме во светот, огледало на нашето европско општество, посочи Могерини.
Таа нагласи и дека ЕУ е тоа што Европејците ќе направат од нејзе.
– Ние ја црпиме силата од заедништвото, бидејќи заедно можеме да се носиме со предизвиците на денешницата, истакна Могерини.