Црногорскиот премиер Душко Марковиќ изјави по разговорот со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон дека Црна Гора формално ќе стане членка на НАТО на 5 јуни.

– Ова беше прилика да ги отвориме сите прашања, како за нашите билатерални односи, така и оние што се однесуваат на Западен Балкан, Европската унија и светот, наведе Марковиќ.

Тој истакна дека Црна Гора „последните 15 години на мир и стабилност ги искористила на најдобар можен начин“, додавајќи дека неговата земја на 5 јуни веројатно и формално ќе стане членка на НАТО.

Марковиќ оцени дека црногорско-американските односи имаат задоволителна динамика, што посебно се покажало со брзата ратификација на Протоколот за пристапување на Црна Гора во НАТО.

– Зборувавме и за прашањата што се однесуваат на стабилноста и мирот на Балканот, како условите за евроатлантска перспектива, во услови кога се случуват загрижувачки трендови, кога постои се поголема нестабилност. Се согласивме дека пред се, балканските лидери имаат одговорност сами да го пронајдат решението за визијата на Балканот, што ќе биде европска и евроатлантска, истакна црногорскиот премиер.

Една од темите на разговорот меѓу Тилерсон и Марковиќ била и притисокот на Русија врз Црна Гора и силното присуство на Москва во регионот на Западен Балкан.

– Наведов дека Црна Гора беше изложена на силен притисок, тој притисок имаше политички, финансиски и разузнавачки содржини, а секако целата акција имаше за план дестабилизација на Црна Гора во смисла на предизвикување инциденти и вооружени судири, па и организирање на ликвидација на поранешниот премиер господинот Мило Ѓукановиќ. За среќа, нашите служби на време го открија тоа сценарио и ги уапсија актерите на тој случај. Трагаме по организаторите на целата акција за кои се претпоставува дека се припадници на воената разузнавачка служба и на тој начин процесот излезе од Обвинителството и верувам дека до 24 мај, по покренувањето на обвинението ќе добие и судски епилог, потенцираше Марковиќ.

„РТЦГ“ јави дека, Марковиќ истакнал оти ставот на американскиот државен секретар Тилерсон е дека делувањето на Русија во Црна Гора не е едностран случај, туку дека се вмешани и други земји од Европа и пошироко и оти е констатирано дека притисокот се шири.

Црногорскиот премиер посочи дека притисокот на Русија врз Црна Гора се проширил од политичката и безбедносната се до економската сфера.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2017 16:23