Не ликвидација и стечај на фирмите, туку нивна санација преку реорганизација, е порката од денешното осмо советување организирано во рамки на проектот „Зајакнување на административните капацитети за имплементација на законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва“.
Според експертите, стечајните управници треба да стекнат поголемо практично искуство за реорганизирање со што ќе се спречи затворањето на фирмите и евентуалното отпуштање на вработените. Но, и судиите треба подобро да ја совладаат материјата.
– Усогласувањето со европската легислатива бара континуирано проширување на знаењата на ликвидаторите, посебно на стечајните управници, за подобро дејствување. Според тековните податоци, евидентирани се околу 1.800 отворени стечајни постапки од кои дури 1.000 се последица на проверките поврзани со бришењето на трговските друштва по службена должност што е сериозен предизвик за постојните 60 лиценцирани стечајни управници, истакна министерот за економија Дритон Кучи.
Тој напомена дека во земјите од ЕУ санацијата на фирмите станува се позначајна, а моделите за нејзина реализација се со единствена цел -надминување на инсолвентноста и спасување на иднината на компанијата. И Македонија, потенцира Кучи, треба да се движи во оваа насока.
– За превентивно реструктуирање на фирмите, земјите членки на ЕУ веќе носат нови законски решенија и врз нивна основа подготвуваат модели на планови за реораганизација. Македонија не смее да заостанува на тој пат. Раното предупредување, санацијата, реструктуирањето треба да претставуваат можности за превентивно дејствување и спас од инсолветноста на трговските друштва. Наместо стигматизирање на стечајот, од нас се очекува создавање легислатива чиј резултат ќе биде подобрување на државното опкружување, зачувување на работните места и паралелно побрзо излегување од пазарот на оние кои со своето дејствување доведуваат во опасност и неликвидност бројни други компании, подвлече министерот.
Оценка на експертите е дека токму реорганизацијата на компаниите е најкомплексниот дел од стечајната постапка.
– Планот за реорганизација е најсложениот дел од стечајната постапка. Тоа е комбинацијата – како да се усогласат правните одредби со економската состојба. Додека правото е децидно, без можности за какви било отстапувања, економските проблеми имаат многу повеќе решенија и секое од нив може да биде најблиску до врвот, изјави заменик претседателот во Комората на стечајни управници Драги Момировски.
Тим лидерот на проектот Красин Димитров смета дека стечајните управници во Македонија немаат доволно практично знаење како да направат бизнис план и да го изведат планот за реорганизација на фирмите.
– И судиите и стечајните управници треба подобро да ја совладаат материјата за стечајната постапка посебно околу планот за реорганизацијата што е нешто посебно. За планот за реорганизација одлучуваат доверителите, а не стечајните судии. Стечајниот судија не мора дури ни да го стопира процесот за да нема одолговлекување, а стечајниот управник треба да биде добро подготвен за да се заврши постапката, објасни Димитров.
Во земјите од ЕУ годишно во стечај одат околу 200 илјади фирми, а без работа остануваат преку 1,7 милиони луѓе. Поради ваквата состојба, како што беше речено на советувањето, ЕУ преку директиви и законски измени и придава се погоелмо значење на санацијата.
Законот за стечај во Македонија е донесен пред десет години и оттогаш постојано се дебатира за негово подобрување и решавање на проблемите во пракса. Измени следуваа во 2014 година кога се направи голем чекор напред поради електронската продажба и утврдувањето правен статус со што се забрзаа постапките.
Димитров истакна дека согласно законските измени, можно е да се прави вонстечајна реорганизација што значи дека планот може да се подготви однапред, пред да се оди во стечај и брзо да се заврши.
Министерот Кучи најави множно донесување ново законско решение доколку земјава ги следи ЕУ легислативите во оваа сфера, како и формирање посебен сектор за стечај во Министерството за економија.
Во рамки на проектот поддржан од ЕУ, покрај досегашните осум советувања за стечајците, спроведени се и четири советувања за ликвидација.