Раст од 2,9 проценти на македонската економија за оваа година и раст од 3,2 отсто на БДП за 2018 година, предвидува Европската комисија во пролетната економска прогноза што денеска ја објави неформалната влада на Европската унија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според ЕК, лани во Македонија забавил растот и стигнал до само 2,4 отсто на БДП, како резултат на долготрајната политичка криза. Токму затоа се умерени и прогнозите за годинава, иако и на ниво на цела Европска унија, во однос на економскиот раст, прогнозата е дека годинава истата ќе изнесува 1,7 проценти годинава, односно 1,8 отсто догодина.
Од поединечните земји-членки на ЕУ, Малта со 4,6 проценти на БДП се очекува да има најголем економски раст, а по неа следуваат Луксембург и Романија со по 4,3 отсто раст на БДП и Ирска (4,0%). Догодина, пак, најголем економски раст се очекува да имаат Малта и Луксембург (по 4,4% на БДП). Со оглед на тоа што сите ЕУ-земји се очекува да бидат надвор од рецесија периодов, најмал економски раст за оваа и наредната 2018 година се очекува да има Италија (0,9% за 2017 година и 1,1 отсто за 2018 година).
Она што е најважно за Македонија, а го потврдува и Еврокомисијата е дека лани, невработеноста во земјата паднала на рекордни 23,7 проценти и дека доколку се продолжи со истото темпо, таа ќе достигне 20 отсто во 2018 година, што споредено со 38-те проценти во 2006 година е намалување од 18 проценти. Во однос на невработеноста на ниво на Европска унија, се очекува годинава да изнесува осум проценти. Притоа, од поединечните членки на Унијата, најмала стапка на невработеност оваа година се очекува да има Чешка (3,5%), додека најголема стапка, очекувано се очекува да има Грција (22,8%), а догодина да имаат 21,6 проценти невработнеи, со што јужниот сосед на Македонија би ја претркал нашата земја во ова категорија.
– Европа влегува во својата петта година по ред на раст, поттикнат од приспособливата монетарна политика, робустниот бизнис и довербата на потрошувачите, односно подобрувањето на светската трговија. Добра вест е дека превисоката неизвесност која е карактеристика на изминатите дванаесет месеци започна да олабавува, изјави денеска еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси.