Финансиската едукација е дологорчна инвестиција за целото општество и државата, како и за поединецот кој полесно и посигурно ќе може да донесува финансиски здрави одлуки и поквалитетно да живее.
Ова е пораката од „Денот на финансиската едукација“ што денеска го организираа Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација составено од Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност и Агенција за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување.
Целта, како што беше посочено, е целта е да се запознаеме со финансиските услуги и со тоа што тие го носат.
– Управувањето со парите е еднакво одговорна обврска како и управувањето со сопственото здравје или која било друга крупна одлука во животот. Наша обврска е да се грижиме за раната финансиска едукација што претставува долгорочна инвестиција за целото општество и државата, рече министерот за финансии Кирил Миноски на „Денот на финансиска едукација“.
Според него децата ако го добијат ова знаење во рана возраст, таа иднина ќе биде подобра и во финансиите.
Гувернерот на НБРМ Димитар Богов потенцира дека финансиската едукација станува се позначаен фактор за градењето стабилен и сигурен финансиски сектор, што е препознаено во светот и го работат сите централни банки, регулатори и министерства за финансии.
– Глобалната криза покажа дека граѓаните се многу ранливи на услугите што ги нудат финансиските институции и единствен лек е поинформирани граѓани, кои ќе имаат информации за она што во што влегуваат, што се нуди и да проценат, бидејќи само информирани граѓани може да донесат правилна одлука, рече Богов.
Тој додаде дека финансиската едукација е животна вештина кој секој од нас треба да ја поседува. – Еден ден секој ќе се најде во ситуација да оценат какви кредити му се потребни, какво осигурување, какво животно осигурување, каков кредит да земе. Сето тоа не е лесно и се повеќе стануваат сложени тие производи и се потешко станува избирањето на вистинските производи, рече Богов, кој најави дека финансиската едукација може да стане дел од формалното образование и оти е почната соработка со Бирото за развој на образованието.
Климе Попоски од Агенцијата за супервизија на осигурувањето потенцира дека финансиската едукација за младите претставува долгорочна инвестиција која на крај на ден ќе донесе неколку позитивни ефекти – севкупен економски развој, развој на финансискиот систем стабилност на финансискиот систем и финансиски бенефити во процесот на носење одлуки за консумирање финансиски производ.
Едукацијата на младото население претставува долгорочно инвестиција каде ефектите се очекуваат на долг рок. Затоа, рече Попоски, овие чекори што ги правиме се надеваме дека својот ефект ќе го имаат по 5 или 10 години.
Булент Дервиши од МАПАС порача дека треба да се мисли на иднината, односно на пензија уште додека сте млади. – Во моментот кога работите и се грижите за својата фамилија треба да се грижите и за својата иднина. За пензијата штедиме уште од првата плата, посочи Дервиши.
За Елизабета Чингаровска, претседател на Комисијата за хартии од вредност, економската стабилност на земјата е тесно поврзана со финансиската едукација.
Посочи дека Комисијата е насочена кон подобрување на финансиската едукација, пред се во средните училишта бидејќи станува збор за посложена материја која може да се осознава од средни училишта.