Британските лабуристи предлагаат воведување специјален данок на финансиски трансакции, популарно наречен „Робин Худ данок“, што би се однесувал за финансиските и банкарските компании кои работат во лондонскиот Сити.
Министерот во лабуристичката влада во сенка, Џон Мекдонел изјави за телевизија Скај дека станува збор за данок од кој ќе може да се обезбедат дополнителни 26 милијарди фунти во државната каса.
Со овие пари, според Мекдонел, ќе може да се покријат зголемените потреби и трошоците во јавниот сектор и за социјалните потреби на луѓето, а посебно за потребите на оние со мали примања и ниски месечни приходи, па од таму и данокот се нарекува според името на легендарниот лик од приказните, Робин Худ кој во средновековите ги ограбувал богатите, за да златото и накитот, потоа, им го подели на сиромашните.
Лабуристите предвидуваат со овој данок компаниите во финансискиот Центар да плаќаат по 0,5 отсто на трансакциите и на парите со кои се тргува, што ќе и донесе на државата по пет милијарди фунти, секоја година.
Тоа би овозможило повеќе средства во фондовите на државното здравство, како и да се укине студентската школарина која за петгодишниот период од едни, до други избори, носи 12,5 милијарди фунти.
Контроверзната школарина беше воведена од коалициската влада на конзервтивецот Дејвид Камерон, во 2010 година , предизвикувајќи долготрајни и масовни демонстрации во Лондон и во десетина други британски градови. Лабуристичката партија, за овие избори, ветува дека доколку победи и формира влада, веднаш ќе ја укине школарината.
- Не мислам дека ваквиот данок значи казнување на банките и на банкарите, туку само пополнување на некои дупки во постоечкиот даночен систем, особено што станува збор за низок данок и за мало оптоварување за Сити - рекол Џон Мекдонел, отфрлајќи ја критиката од Конзервативната партија.
Според овој висок функционер на лабуристите, „Робин Худ данокот„ не е товар за банкарите, особено што тие во изминатите десет години, имаат земено дури 100 милијарди фунти за бонуси што ги земаата на крајот од годината и за секоја успечна висока трансакција.
Данокот „Робин Худ“ почна да се споменува набргу по избувнувњето на банкарската и фиансиската криза во октомври 2008 година.
Во 2010 година тоа го побара тогашниот британски министер за финансии, лабуристот Алистер Дарлинг, а потоа и ЕУ, но за таа иницијатива не успеа.
Противниците на данокот во Британија инсистираа , за еден ваков данок, претходно, да се обезбеди глобална согласност, во што досега не се успеа.