Властите во светот се обидуваа во текот на викендот да ги откријат виновниците за големите сајбер напади, што ја попречија работата на повеќе фабрики, болници, продавници и училишта.
Експерти за сајбер безбедност наведоа дека вирусот зафатил над 200.000 корисници во повеќе од 150 земји.
Се стравува дека ширењето на вирусот може да предизвика нови непријатности денеска, кога луѓето ќе се вратат од нивните работни места.
Експертите очекуваат и нови верзии на вирусот, додавајќи дека засега не е позната висината на штетите предизвикани од петочните напади.
Во меѓу време, компанијата „Мајкрософт“ ја обвини американската Влада дека чува софтверски кодови кои можат да бидат користени од хакери.
Претседателот на „Мајкрософт“ Брад Смит го потврди заклучокот до кој веќе дојдоа многу истражувачи дека за последниот масоцен хакерски напад е користен инструмент создаден од американската Агенција за национална безбедност, што бил пуштен на интернет во април.
Смит исто така го покрена и прашањето за тоа како разузнавачките служби да постигнат баланс меѓу желбата да ги држат во тајност софтверските пропусти, да извршуваат шпионажа и да водат сајбер војна и да ги споделуваат овие пропусти со технолошките компании со цел подобра безбедност на интернет.
– Овие напади се пример за тоа зошто криењето на пропустите од страна на владите е таков проблем, наведе Смит.
Тој истакна дека владите во светот би требало да ги сфатат овие напади како „повик за будење“ и да размислуваат за „штетите врз цивилното население, што произлегуваат од криењето на пропустите“.