Близу 1,5 милиони луѓе користат интернет во Македонија, односно 68,5 отсто од населението, додека милион македонски граѓани се приклучени на Фејсбук, покажуваат податоците на специјализираниот статистички веб сајт „Интернет ворлд стат“.

Од земјите во регионот повеќе од Македонците интернет користат во Словенија (72,8 проценти) и во Хрватска (75 проценти). Зад Македонија се рангирани БиХ (68,1 процент), Србија (66,6 проценти), Грција (63,2 проценти), Црна Гора (60,2 проценти), Албанија (60), Бугарија (56,7).

Во Европа интернет користат 637 милиони луѓе, а Фејсбук 328 милиони. Глобалната он лајн мрежа најмногу се користи во Исланд, односно 100 проценти од жителите, по што следат Норвешка, Холандија и Шведска со 96 проценти. Најмалку интернет корисници има во Украина 43,4 проценти.

Според Интернет ворлд стат, во светот има 3,67 милијарди интернет корисници или 50,1 процент од вкупната светска популација, а 1,68 милијарди луѓе користат Фејсбук.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2017 11:43