Од 15 до 19 јуни, во киносалата на Кинотека на Македонија ќе се одржи третото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“. Тоа е фестивал којшто е организиран од граѓанското здружение Номад-Арт во соработка на Кинотека на Македонија.

Фестивалот на својата програма прикажува документарни филмови чијашто главна тема е музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција, со цел да создаде едно богато музичко искуство и патешествие. Една од целите на фестивалот е да го прикаже богатството на денешниот музички свет, изразен преку музичките документарци.

Изминатите две изданија Фестивалот ги започнуваше со посвета на големи музички имиња како Дејвид Боуви и Леонард Коен, со чии документарни филмови и изложби почнуваа овие изданија, за после да следат филмови за најразлични уметници или жанрови, како Ник Кејв, Лед Цепелин, Пинк Флојд, Џој Дивижн, како и филмови од домашната продукција – за Влатко Стефановски, Културно-уметнички работници, Сеад Хаџиќ Сецко.

Оваа година Фестивалот му оддава почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чијшто документарен филм „Поп Арт“ на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер ќе се отвори Скопје Синема Сити. Тоа што ќе следи во петте дена на фестивалот се музички филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика.

На изминатите изданија Фестивалот започна соработка со британскиот национален сервис BBC, a оваа година таа соработка продолжува и понатаму, со нови филмови, а се отпочна соработка и со американскиот национален сервис PBS се со цел за поразновидна и поквалитетна понуда.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2017 13:11