Најмалку 22 лица загинаа, меѓу кои и деца, а 59 се повредени во експлозија која се случи на завршување на концертот на пејачката Ариана Гранде во Манчестер, изјави шефот на полицијата Јан Хопкинс.
Според него, полицијата е уверена дека напаѓачот кој ја активирал бомбата загинал во експлозијата и дека само тој го извршил нападот. Тој информираше дека напаѓачот носел импровизирана експлозивна направа и дека истрагата ќе утврди дали бил дел од терористичка мрежа.
Британската премиерка Тереза Меј рече дека инцидентот се третира како терористички напад и ако тоа се потврди, тоа ќе биде најсмртоносниот напад во Велика Британија од 2005 година, кога четворица муслимани во бомбашки напад убија 52 лица во Лондон.
– Работиме на утврдување на сите детали и она што полицијата го третира како терористички напад. Нашите мисли се со жртвите на семејствата на оние кои се повредени во овој инцидент – се вели во соопштението од кабинетот на премиерката.
Улиците околу арената каде што се одржал концертот и понатаму се затворени, а има голем број на полицајци и припадници на антитерористички единици кои и понатаму го пребаруваат теренот.
Полицијата соопштила дека експлозијата се случила око 22.30 часот по локално време во арената каде што се одржувал концертот, а во кој може да собере 21.000 публика.
Сведок кој присуствувал на концертот изјавил дека слушнал голема експлозија додека излегувал од арената, а потоа и врескање и стампедо на луѓе кои се обидувале да ја напуштат зградата.
На видео-снимките се гледа дека посетителите на концертот, претежно млади, врескаат и трчат низ арената, но и родители кои си ги бараат своите деца.