Британската полиција соопшти дека го зголемила бројот на свои припадници по улиците на Лондон, како и дека по самоубиствениот напад во Манчестер припадници на војската ќе ги обезбедуваат објектите кои имаат клучно значење, меѓу кои Бакингамската палата и резиденцијата на премиерот на Даунинг Стрит.
Британскиот премиер Тереза Меј објави синоќа дека нивото на закана е зголемено до „критично“ што означува голема веројатност за реализирање на терористички напади.
Таа изјави дека со цел да се спречат евентуални нови напади ќе бидат ангажирани и припадници на војската.
Министерката за внатрешни работи Амбер Рад изјави во интервју за Би-Би-Си дека на улиците во земјата ќе бидат распоредени 3.800 војници.
– Војниците ќе дејствуваат во рамки на командната структура на лондонската полиција, при што ќе осигуруваат вооружано обезбедување на места со клучно значење, соопшти полицијата.
Тука се вклучени Бакингамската палата, Даунинг Стрит, амбасадите и Вестминистерската палата. Оваа мерка ќе овозможи олеснување на работата на полицијата и со тоа ќе се овозможи единиците на полицијата да извршуваат повеќе патролирања.
Рад истакна дека напаѓачот од Манчестер им бил познат на службите за безбедност и веројатно не дејствувал сам.
Британските власти напаѓачот од Манчестер го идентификуваа како 22-годишниот Салман Абеди, роден во Манчестер во семејство на родители Либијци.