Поради задржувањето на црногорскиот пратеник Миодраг Вуковиќ, на московскиот аеродром „Домодедово“, Министерството за надворешни работи на Црна Гора му врачи протестна нота на рускиот амбасадор во Подорица, јави црногорското национално радио.
Миодраг Вуковиќ, од владејачката Демократска партија на социјалистите, синоќа беше приведен на рускиот аеродром со објаснение дека е „персона нон грата“ во земјата, а рано утринава беше депортиран во Црна Гора.
Црногорскиот пратеник за радиото кажа дека руските власти го задржале, а потоа го депортирале, будејќи бил на списокот на лица од Црна Гора кои не се добредојдени во земјата.
Вуковиќ нагласи дека тоа е „политичка одлука“ поради последните случувања во Црна Гора.
Црногорските медиуми утрово јавија дека, условите во кои бил задржан пратеникот на московскиот аеродром биле нехумани и довеле до влошување на неговата здравствена состојба, бидејќи има хронично заболување.
Вуковиќ минувал транзитно преку Русија, на пат кон Минск, каде трабало да учествува на парламентарна средба на Централно-европската иницијатива.
Русија е вознемирена поради членството на Црна Гора во НАТО, додека, од своја страна, Подгорица смета дека Москва стои зад спречениот обид за преврат, што се случи на денот на изборите во октомври минатата година, што веројатно имаше за цел, да ја оттргне земјата од патот кон Алијансата.