Коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, денеска соопшти дека го прекинува учеството на Катар во заедничката воена операција против бунтовниците – хуси, кои воспоставија контрола над голем дел од територијата на Јемен.

Денеска Бахреин, Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати објавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар бидејќи оценуваат дека тој ги поддржува терористите и вооружените исламисти.

Саудиска Арабија соопшти дека сака да ја заштити својата национална безбедност од заканите на тероризмот и екстремизмот.

Саудиската државна агенција цитираше официјален анонимен извор, според кој Саудиска Арабија одлучила да ги прекине дипломатските и конзуларните односи со Катар „остварувајќи го своето суверено право, гарантирано со меѓународниот закон, да ја брани својата национална безбедност од опасностите од тероризмот и екстремизмот“.

Саудиска Арабија ги прекинува сите контакти за воздушен, копнен и воден пат со Катар и ги повикува сите братски земји и компании да го направат истото“, се наведува во соопштението на саудиската агенција.

Египетското Министерство за надворешни работи наведе дека Египет ги затворил своите граници и воздушниот простор за сите транспортни врски со Катар, како и дека земјата ги прекинува дипломатските односи со Катар бидејќи тој поддржува терористички организации, вклучително и Муслиманските браќа.

Бахреин го обвини Катар дека ја поткопува безбедноста и стабилноста и дека се меша во неговите внатрешни работи.

Обединетите Арапски Емирати им додадоа 48 часови на нивните дипломати да го напуштат Катар, бидејќи тој поддржува и финансира терористи, екстремисти и религиозни организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2017 22:04