Рускиот претседател Владимир Путин вчера телефонски разговарал со емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, и ја потврдил принципиелната позиција на Москва дека кризните ситуации треба да се решаваат со политички и дипломатски средства, преку дијалог, јави ТАСС, повикувајќи се на прес службата на Кремљ.
Двајцата државници ја разгледале соработката меѓу Русија и Катар во трговско-економската и инвестициската сфера, како и меѓународните проблеми.
Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Јемен, привремената Влада на Либија, Малдиви и Маврициус во понеделникот ги прекинаа дипломатските односи со Катар и го обвинија за поддршка на тероризмот и екстремизмот.
Подоцна истиот ден рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, во телефонски разговор со катарскиот колега Мохамед бин Абдулрахман ал Тани повика спротивностите да се надминат на преговарачка маса, преку дијалог, врз основа на взаемно почитување поради постојните досега незабележени предизвици, пред се, заканата од тероризам, соопшти руското Министерство за надворешни работи.