Претседателот на Русија Владимир Путин изјави дека евентуалниот воен судир меѓу Русија и САД, никој на Земјата не би го преживеал.
- Мислам дека никој не би преживеал (таков судир), одговори Путин на прашањето на американскиот режисер Оливер Стоун дали САД би доминирале во „врелата војна“ против Русија.
Путин додаде дека Северноатлансткиот пакт (НАТО) секогаш е во потрага по непријател за да го оправда своето постоење.
- Не постои Источен блок, го нема Советскиот Сојуз. Зошто и понатаму постои НАТО? Мој впечаток е дека за да го оправда своето постоење, НАТО има потреба од надворешен непријател, постои постојана потрага по непријател или некој акт на провокација за да може некој да се именува за противник.
Меѓутоа, Путин смета дека постои надеж за нормализирање на руско-американските односи.
- Надеж? Надеж секогаш постои. Се додека не не закопаат, одговори Путин.
Порталот „Варајети“ пренесува дека рускиот претседател Путин и режисерот Стоун во текот на подготовките за интервјуто го гледале познатиот игран филм на режисерот Стенли Кјубрик „Доктор Стрејнџлав или: Како научив да не се грижам и ги засакав бомбите, кој зборува за хипотетички нуклеарен судир меѓу СССР и САД.
Весникот „Дејли бист“ наведе дека претседателот на Русија изјавил оти Кјубрик предвидел некои современи проблеми, дури и од техничките гледишта, работи кои не тераат да се замислиме за вистинските закани кои постојат.
Работата е во тоа дека од тогаш малку нешто се променило. Единствена разлика е во фактот што современиот систем на вооружување станува се повеќе софистициран и посложен. Сепак, идејата за реактивна примена на оружјето е и неможноста таквиот систем да се контролира и понатаму се вистински, смета Путин.
После гледањето на филмот, Стоун на рускиот претседател му подарил ДВД од филмот, по што Путин си заминал.
Меѓутоа, кутијата била празна. Кога тоа го видел, рускиот лидер се вратил и му покажал на Стоун дека тој му дал само корица од дискот. Дискот од филмот, продуцентите на американскиот режисер заборавиле да го стават во кутијата.
- Типичен американски подарок, прокоментирал Путин.