Словенечката Влада денеска реши да ја замрзне постапката за продажба на државната „Нова Љубљанска Банка“ (НЛБ), заклучувајќи дека во овој момент цената што би можела да ја добие од потенцијаните инвеститори при приватизацијата, не би била задоволувачка.
Со ваквата одлука на Владата во Љубљана, се одлага спроведувањето на планот што го договирја Словенија и Европската комисија, за продажба на НЛБ.
Владата заклучи дека не може да се согласи на продажба на акциите НЛБ по минимална цена од 55 евра за акција, се наведува во соопштението од денешната владина седница.
Како што јави ХИНА, по ваквата одлука, словенечката Влада сега најверојатно ќе се обиде преку нови преговори со Еврокомисијата да издејствува пролонгирање на крајниот рок за продажба на НЛБ.
Согласно договорот меѓу Еврокомисијата и словенечката Влада, приватизацијата на НЛБ треба да се одвива во две фази. Во првата фаза, во текот на оваа година треба бидат продадени 50 проценти од акциите на банката, а до крајот на 2018 година уште 25 отсто.
Со планот за приватизација на банката, предвидено е словенечката држава да задржи 25 проценти од акциите на НЛБ, која сега е целосно во државна сопственост.