Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел предупреди денеска дека спорот меѓу Катар и останатите арапски држави би можел да доведе до војна, додавајќи дека се уште верува оти постои шанса за смирување на тензиите.

– Постои опасност дека овој спор би можел да предизвика војна, истакна Габриел за весникот „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“.

Тој додаде дека заострувањето во односите на братските народи и соседски држави во Заливот е „драматично“.

Габриел нагласи дека оваа недела разговарал со колегите од Саудиска Арабија, Катар, Турција, Иран и Кувајт, по што сфатил колку е сериозна ситуацијата.

– Но верувам постојат и добри шанси за напредок, истакна Габриел.

Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин во понеделникот ги прекинаа дипломатските односи со Катар, обвинувајќи го за финансирање на екстремистички групи и поддршка на Иран, а Јемен и Малдиви подоцна им се придружија на тие мерки. Катарските власти ги отфрлаат таквите обвинувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2017 14:42