Република Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО уште во 2008 година на самитот во Букурешт. Само заради непринципиелната блокада од страна на Република Грција во моментов Македонија не е членка на НАТО. Впрочем и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година, се потврди дека Грција ги прекршила одредбите од времената спогодба, ставајќи вето на влезот на Република Македонија во НАТО.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека процесот веднаш треба да се деблокира и да се исправат неправедните одлуки. Република Македонија заслужува да стане членка на НАТО што е можно побргу. Со нашето учество во меѓународните мисии, сите овие години покажавме дека имаме капацитет и знаење да бидеме рамноправен партнер.

Изјавите на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во кои се повторуваат црвените линии на Република Грција не одат во прилог на добрососедските односи. Со изјавата дека Република Македонија ќе може да стане членка на НАТО дури откако ќе се реши проблемот кој Грција го има со нашето име, Коѕијас не придонесува за надминување на проблемот. Напоменувањето дека Грција нема да потклекне под притисоците за зачленување на Република Македонија во НАТО под времената референца може да доведе до дополнително закопување на двете страни во сопствените ровови.

Зоран Заев и новата влада ветија на граѓаните дека многу бргу ќе ја внесат Република Македонија во НАТО и ЕУ. Зоран Заев и СДС мора да ги исполнат ветувањата токму како што беа дадени. Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО час поскоро, но притоа да не се задира во идентитетските прашања и да не се склучуваат договoри на штета на Македонскиот народ и држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2017 15:07