Европскиот парламент со 503 гласови за, 113 против и 45 воздржани ја усвои резолуцијата на словенечкиот европратеник Иво Вајгл, по извештајот за Република Македонија, изготвена од Европската комисија во 2016 година, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Европскиот парламент во резолуцијата го поздравува формирањето на новата Влада на 31 мај и апелира до сите политички партии да се обнови довербата во земјата и во нејзините институции.
Европратениците исто така ја повикуваат новата Влада да ги продолжи напорите кон интеграција во ЕУ и на целосна заложба кон обемните реформи во областите на владеење на правото, правдата, корупцијата, основните права, добрососедските односи.
– Штом се постигне видлив прогрес во примената на договорот од Пржино и идните реформски приоритети, Европскиот парламент ќе поддржи отворање на пристапните преговори на земјата со ЕУ, стои во документот.
Осврнувајќи се на 2016 година, ЕП изразува жалење поради застојот во реформите во судството и поради политичкото мешање во назначувањето судии и обвинители.
Членовите на ЕП изразуваат загриженост и поради политичките напади и опструкции на работата на Специјалното јавно обвинителство.
Известувачот за Македонија Иво Вајгл истакна дека ЕП позитивно го нотира прогресот на Македонија кон членство во ЕУ. Новата Влада е посветена на важните реформи, што овозможи да се одржат транспарентни избори и надминување на долготрајната политичка криза. Македонија сега треба да го забрза процесот на усвојување на стандардите, вредностите и принципите на ЕУ, како и да придонесува за стабилноста на Западен Балкан, рече Вајгл.
Резолуцијата претрпе мали промени, кои ја зедоа предвид еволуцијата на ситуацијата во Македонија, а вкупно беа поднесени 40 амандмани.
Гласањето на резолуцијата, по претходната расправа во февруари на Комитетот за надворешни работи и на пленарната сесија, беше одложен неколкупати со оглед на политичката криза во Македонија. По изборот на претседател на Собранието и составувањето на новата Влада, Европскиот парламент одлучи резолуцијата подготвена од известувачот Иво Вјгл да ја стави на дневниот ред.