Предлогот на Зоран Заев, госпоѓата Арта Точи да биде избрана за заменик министер во Министерството за надворешни работи е скандалозно и ризично за државата.
Да се предложи за заменик министер за надворешни работи, лице кое тешко се помирува со реалноста и постоењето на граници на Балканот, односно лице кое има романтичарски идеи и мечтае за големи држави е проблематично и може да доведе до сериозни проблеми.
Предложената Арта Точи е автор на трудот „Границите како мит“ во кој пишува околу конференцијата во Лондон одржана 1913 година каде е донесена одлука за формирање на албанското кралство. Според неа делови од Албанија не биле вградени во нејзините административни граници. Во трудот Точи нагласува дека на Балканот границите имале поинакво значење и димензии и додава дека во тие околности границите биле линија на отуѓување на еден јазик и еден народ со кои се создале приказни со многу болка и одделеност.
Ваквите сфаќања се исклучително опасни кога доаѓаат од лице кое што Заев смета дека треба да биде заменик министер за надворешни работи. Основна задача на заменик министер за надворешни работи е да ги штити македонските национални интереси. Да се бори за признавање на земјата под нејзиното уставно име и да ги брани меѓународните позиции. Заменик министерот за надворешни работи треба да го штити територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија на меѓународно поле, а не да ги спори границите како линија на отуѓување на еден јазик и еден народ.
Мечтаењето по големи држави и оспорувањето на актуелните граници е во целосна спротивност со обврските на државен функционер на вака висока и одговорна позиција и може да влијае на нарушување на односите на Република Македонија со соседите.
Предлогот на Зоран Заев, Арта Точи да стане заменик министер за надворешни работи е уште едно катастрофално кадровско решение и потценување на сопствените граѓани.
ВМРО ДПМНЕ смета дека Зоран Заев треба да ја преиспита својата одлука. Во спротивно Зоран Заев ќе испрати порака дека стои зад ставовите на Точи и ќе биде директно одговорен за сите скандали и пропусти кои би се случиле во иднина.