СДС ги лажеше граѓаните во предизборната кампања, ги лаже и денес.

Пред две недели велеа дека од процедурални причини не можело да се продолжи породилното отсуство, но вчера стана јасно дека и за тоа излажале. Очигледно, новата влада нема капацитет да излезе во пресрет на барањата на граѓаните и да ги исполни своите ветувања.

Имено, вчера во медиумите се појави Извадок од Нацрт-записникот од Седмата седница на Владата на Република Македонија, каде новата министерка за труд и социјална политика во владата на СДС, Мила Царовска, информира дека треба да се завземе негативен став и го одби барањето за продолжување на породилното отсуство поради наводни финансиски импликации.

На овој начин, Царовска и СДС очигледно се обидуваат на секој можен начин да ја задушат граѓанската иницијатива, иако во предизборието на големо ветуваа дека токму граѓанските иницијативи секогаш ќе ја имаат нивната поддршка.

Од една страна гласно велеа дека ќе ја поддржат иницијативата, од друга страна без око да им трепне ја одбиваат. Очигледно, Социјалдемократскиот сојуз се расфрла со секакви ветувања и ветува брда и планини само кога е во опозиција, но кога е на власт очигледно ништо од ветеното не планира и нема намера да го исполни и реализира.

Крајно несериозно и неодговорно, па макар било тоа и од СДС.

Само за потсетување, овие предложени законски измени за кои што министерката Мила Царовска изнесе негативен став, се идентични со барањата на граѓанската иницијатива потпишана од 217 мајки.

На крајот, прво како мајка, а потоа и како одговорен пратеник, во името на сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, би сакала уште еднаш да апелирам и да ги повикам пратениците од СДС и нивната коалиција, да си опстојат на нивните предизборни ветувања и покрај негативниот став на нивната министерка, да се одважат и да ја поддржат намерата за измена на Законот за работните односи за продолжување на рокот за породилното отсуство на мајките.

Во спротивно, само ќе се докаже дека Социјалдемократскиот сојуз и новото парламентарно мнозинство свесно ги кревале очекувањата на граѓаните и изнесувале безброј лажни ветувања, кои подоцна нема да можат да ги испорачаат.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2017 13:16