ВМРО-ДПМНЕ се залагало и ќе се залага за добрососедски односи кои подразбираат взаемно почитување и поддржување. Истиот овој став сме го имале и ќе го имаме и кон Бугарија и кон Грција и кон останатите соседи.

Сепак, тоа што не загрижува и згрозува е вчерашниот настап на Зоран Заев.

Тој вчера кажа дека испраќал порака дека Македонија затварала едно поглавје на историја на национализам и на омраза.

Која е таа историја на омраза и национализам што ја негувал македонскиот народ? Крајно срамно и недолично е да го обвиниш сопствениот народ за ширење на национализам и омраза. Македонецот никогаш не бил, ниту националист ниту пак ширел омраза.

ВМРО-ДПМНЕ е крајно загрижена од нетранспарентноста и леснотијата со која Заев пристапи на едно исклучително сериозно прашање како што е склучувањето на договорот со Бугарија.

Ова прашање задира во идентитетот и историјата на македонскиот народ и многу неодговорно е истото да се третира на ниво на секојдневна прес конференција и без сериозна анализа и без пошироки консултации да се најави потпишување на договорот кој експерти го работеа долго време и имаше многу отворени прашања по кои двете страни не може да најдат заеднички јазик.

ВМРО-ДПМНЕ бара увид во тоа што Заев договорил при посетата на Софија.

Македонскиот народ бара увид во содржината на договорот која што Заев се согласил да ја потпише.

Ваквите теми кои задираат во идентитетот на македонскиот народ не се и не смее да бидат ексклузивен интерес ниту на Зоран Заев, ниту на СДС. Овие теми се надпартиски.

За нас е разбирливо соседна Република Бугарија да има свои интереси и нив да ги брани и застапува. Тоа што не можеме и нема да го прифатиме е Зоран Заев сам да одлучува за темите кои се од интерес, а пред граѓаните ветуваше инклузивност и дебата за многу понесуштински прашања.

Република Македонија има сопствена историја. Ова е факт кој што не смее никој да се дрзне да го менува. Етногенезата на македонскиот народ е посебна и затоа е исклучително опасно да се говори за „заедничка историја“.

Дали изјавите на Зоран Заев околу заедничката историја значат дека македонскиот народ во минатото немал своја посебна? Дали е Заев свесен колку се опасни овие тези?

Прашањето за заедничката историја секогаш било една од најголемите пречки при постигнување на договорот со соседна Бугарија.

Второто прашање кое исто така било камен на сопнување е прашањето за немешање во внатрешните односи на земјите. Имено Бугарија инсистирала во договорот таа обврска да стои само за Република Македонија. Дали е ова прифатливо за Зоран Заев и СДС?

Третото покрупно прашање е прашањето на јазиците на кои би се потпишал договорот. ВМРО-ДПМНЕ инсистирало и ќе инсистира дека македонскиот јазик мора да биде експлицитно наведен. Македонскиот јазик постои. Македонскиот јазик е меѓународно признаен и кодифициран. Секој обид за градење на добрососедските односи мора да разбере взаемно почитување и признавање на посебноста, а не задскривање зад флоскули од типот „јазикот наведен во Уставот“.

Постоеја уште многу спорни прашања во договорот, почнувајќи од барањето за промена на учебниците, па се до заедничкото одбележување на некои празници.

Граѓаните во моментов немаат ама баш никаква информација што договорил Зоран Заев, што е срамно и неприфатливо.

Единствено што знаеме е дека Заев договорил заедничка македонско-бугарска прослава на македонскиот национален празник Илинден на Мечкин камен.

ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против странски високи претставници да ни го честитаат националниот празник. За нас нема ништо спорно високи гости да присуствуваат како гости, но мора да се знае дека Илинденското востание е автохтоно и македонско. Илинденското востание е кренато без ничија помош и истото е целосно автономно. Македонско е. На Илинден се удрени темелите на македонската држава.

Секој друг обид поинаку да се претставува е обид за демакедонизација на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2017 14:07