Лидерот на ДУИ Али Ахмети по денешната средба со албанските парламентарни партии свикана по негова иницијатива изјави дека констатирале оти поголемиот дел од нивните партиски определби веќе се вклучени во програмата на новата Влада.

На состанокот не присуствуваа претставници од Движењето „Беса“, а Ахмети од нив побара да номинираат претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието за да се отворат случаите Куманово, Бродец, Монструм и други.

На новинарско прашање дали било отворено прашањето за Законот за употреба на јазиците, лидерот на ДУИ рече дека сите прашања биле отворени на транспарентен начин и оти Законот за јазиците веќе е договорен.

На средбата, покрај Ахмети и Села, присуствуваа и Теута Арифи, Изет Меџити и Артан Груби од ДУИ, а Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.

Вчера преку соопштение од БЕСА предложија средбата да се одржи во Собранието на Република Македонија, а како точка на дневен ред да биде разгледан извештај од ДУИ и Алијансата за Албанците за тоа што е опфатено во владината програма од заедничката декларација на албанските политички партии и со какви динамика таа ќе се спроведува. Од БЕСА предлагаа на состанокот да се расправа и за изработка на план за Предлог-законот за албански јазик и формирање на работните групи за негова имплементација.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2017 20:01