Лажна е информацијата изнесена на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со анкетниот лист на министерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, реагираше Владата.

„Ја информираме јавноста дека министерот Поповски достави анкетен лист до Државната комисија за спречување корупција и до Управата за јавни приходи на 28 јуни 2017 година, а за тоа приложуваме писмен доказ од приемот на документот во архива“, стои во соопштението на службата за односи со јавност на Владата, во кое се додава дека „транспаретноста и отчетноста се едни од основите приоритети на Владата“ и дека „навиките на претходната влада се минато коe нема да се повтори“.

Светлана Колариќ, денеска на прес-конфереција во име на партијата обвини дека министрите на СДСМ во Владата го кријат своето богатство, посочувајќи дека министрите Роберт Поповски и Самка Ибраимовски сè уште немаат поднесено анкетни листови за својот имот.

Од Владата засега нема информација дали и министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Македонија, Самка Ибраимовски го пополнил и го доставил анкетниот лист за својата имотна состојба.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2017 19:36