Потенцијалниот кошаркарски репрезентативец, Бобан Стајиќ повторно е дел од екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска потпиша едногодишен договор со шесткратниот шампион на Македонија.

23-годишниот плејмејкер изминатите две сезони успешно настапуваше во таборот на Фени Индустри.

За Стајиќ ова всушност е враќање во добро позната средина, со оглед што веќе беше член на „металците“ и тоа периодот од 2013 до 2015 година.

Претходно, тој настапуваше за скопска Лирија со која всушност дебитира на прволигашката сцена.

Повратникот во сино-белиот дрес зад себе има настап и на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, за младинци во 2012 година на кое во просек реализираше 11,4 поени и по 4,4 скока и асистенции.

Стајиќ е второто засилување за МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок, по некогашниот капитен на тимот, Дамјан Стојановски. Под договорна обврска со шампионот во моментов уште се и Марко Симоновски, Адем Мекиќ и Ксавиер Темс. Нов тренер на екипата е Александар Тодоров.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2017 11:08