Имено владата на СДС го именуваше членот на Централниот Одбор на СДС, Спасе Глигоров на чело на Агенцијата за државни службеници. Партиски војник на Зоран Заев ќе раководи со агенцијата која треба да биде синоним за професионалност.
Под притисок на јавноста сега се обидуваат да се правдаат дека овој човек поднел оставка од позициите во партијата, но сепак останува фактот дека не е предложен затоа што е способен и професионалец, туку затоа што бил член на Централниот Одбор. Ако се земе предвид најавата на Зоран Заев дека има намера да партизира се од чистачка до министер тогаш е јасно зошто верниот партиски војник Глигоров е именуван на оваа позиција.
Помина една цела недела а владата не го повлече предлогот на членот на највисокиот орган на СДС да биде и директор на агенцијата за државни службеници што е целосно спротивно на законот имајќи го во предвид членот кој укажува дека најстрого се забранува првото лице на институцијата која раководи со државната администрација да биде член и на партиски орган.
Тоа ја покажува нивната намера по секоја цена да го погазат принципот на професионалноста во администрацијата и да го заменат со партизираност.
Дополнително сите останати именување на директори се направени без испочитување на законската обврска да достават сертификат за познавање на странски јазик, што укажува и дека се работи за некомпетентни кадри.
Дополнително за дел од именувањата на директори не е запазена обврската да имаат адекватен јавен оглас. Република Македонија е единствената земја во Европа каде директорските места се бираат на најнетранспарентниот начин, без оглас, само по партиски клуч. Законите и процедурите не се испочитувани и преку назначувањето на директорите на Службен весник, Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, Државниот архив, управниот инспекторат кој е задолжен да ги штити процедурите кои СДС ги крши на големо.
Одговорот која е целта на ова ја даде пратеникот од СДС кој кажа дека членската книшка на СДС е втора лична карта и дека законите за членовите на СДС не важат. Од партиската книшка ќе зависело дали некој ќе работел, земал социјална помош, ќе можел да се лекува, да извади документи кои законски му припаѓаат.
СДС вети транспарентност, добивме масовна партизација. СДС вети законитост, добивме криминал. СДС ги излажа граѓаните и затоа ќе биде казнет. Владата на СДС ќе заработи кривични тужби поради незаконито работење и криминално именување на функционери. Уште првиот месец од работата СДС почна со правење на криминал.