Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието поднесоа три закони, со кои предлагаат од јануари следната година да се зголеми за пет проценти платата на вработените во државната и јавна администрација, да се укине радиодифузната такса, а јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата со двотретинско мнозинство.

Законот за платите, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, е изборно ветување на Коалицијата „За подобра Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ. Сметаат дека буџетот е во добра кондиција и оти, како што потенцира, со оглед на плановите на Владата за зголемување на одредени даноци, цениме дека државата има капацитет да го направи ова зголемување на сите вработени.

Со предлогот за укинувањето на радиодифузната такса, наведе Димовски, сакаме да ги потсетиме на нивните изборни ветувања. На изборните ветувања на сегашниот премиер Зоран Заев и пратеничката Фросина Ременски е базиран и предлогот по скратена постапка да се донесат измени во процедурата за избор на Јавен обвинител.

- Тоа ќе значи инклузивност, збор кој што често го употребува новата Влада, тоа ќе значи подавање рака, збор кој што често го употребува новата Влада, тоа ќе значи заеднички фактор на реформите, зборови кои што често го употребува новата Влада, тоа ќе значи некаков консензус за клучни прашања исто така зборови кои што ги употребува новата Влада. Се надеваме дека ќе си останат на она што го зборувале во изборната кампања, изјави Димовски.

Во име на пратениците на коалицијата „За подобра Македонија“ изрази разочараност и загриженост затоа што, како што рече, од медиумите дознале и немало никаков разговор за планот 3-6-9 со список на реформи во различни области, што го усвои вчера Владата.

- Доколку Владата на Република Македонија продолжи со овој начин на игнорирање на опозицијата при креирање на стратешките правци и стратешките документи како што беше случајот со Бугарија, како што е случајот со овој документ 3-6-9, тие самите си ја затвораат за пристап до пратениците од опозицијата. Не е добро пред еден месец да ветувате инклузивност, да ветувате подадена рака, да барате помош, а денеска да нема ниту разговор, ниту формален, ниту неформален брифинг, ниту каква било информација која што би требало по некои правила на парламентарната демократија да стигнат до нас, рече Димовски.

Тој најави дека многу наскоро пратениците од Коалицијата „За подобра Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ ќе добијат и реална форма на организирање во Собранието.

Димовски го повтори барањето од вчерашната седница на Комисијата за надворешни работи Министерството за надворешни работи да го достави нацрт-договорот за добрососедство со Бугарија пред тој да биде потпишан. - Тоа би бил единствениот начин како градиме консензус и инклузивност за стратешки и клучни прашања, рече Димовски.

Апелираше до институциите да бидат поприсутни во охридскиот регион каде ноќеска имаше пет земјотреси со посилен изнтензитет, а во последните три дена се регистрирани 42.

- Знам дека никоја институција не може да се справи за да нема земјотреси, ниту е паметно тоа да го бараме, но мислиме дека државните институции од различен карактер и аспект, дали тоа ќе биде Владата или некои од министерствата, дали ќе бидат и други институции вклучени, треба да бидат поприсутни на терен заради тоа што според информациите кои што ги имаме владее сериозна психоза кај граѓаните на овие неколку градови, изјави Димовски во Собранието.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2017 13:56