Со усвојувањето на Акцискиот план 3-6-9 Владата прави чекор за сериозен пробив кон евроатлантските интеграции по долгогодишниот застој, истакна на денешната прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.
- Планот 3-6-9 отвора перспективи на Република Македонија и на граѓаните кон ЕУ и НАТО кои значително ќе го подобрат квалитетот на животот цо државата. Тоа што Владата го создаде овој реформски документ значаен за иднината на Македонија, само месец по формирањето и како што ветивме, отворено, инклузивно, транспарентно, со сите засегнати страни ја покажува нашата силна определеност да бидеме максимално одговорни кон обврските што ги презедовме- РМ да биде почитувана држава на достоинствени граѓани, Македонија за сите, рече Заев на презентацијата на Акцискиот план.
Тој појасни дека именувањето на планот 3-6-9 всушност ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест, девет месеци за придвижување на евроинтегративниот процес.
- За три месеци треба да ги заокружиме првите реформи. Целта ни е до одржување на локалните избори да обезбедиме аргументација за ЕК да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на претпристапните преговори. За шест месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Целта ни е до Советот на ЕУ во декември 2017 да покажеме сериозни резултати во повеќе области, што ќе ја зацврстат перцепцијата за Македонија како сериозна земја-кандидатка за ЕУ. За девет месеци имаме намера да го имплементираме третиот круг реформи за до наредниот извештај на ЕК за Македонија да ги насочиме земјите-членки на Унијата кон дискусија за утврдување датум за претпристапните преговори на ЕУ со Македонија. Ова очекувам во брзо време да ги обезбеди перспективите на Македонија кон НАТО Алијансата, рече Заев.
Тој најави демократски Парламент, реформи во судството, медиумите, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација, во безбедносните служни, во изборното законодавство според препораките на ОБСЕ и ОДИХР и други релевантни организации, кохабитација со претседателот на државата, соработка со граѓанското општество на рамноправна основа, преку дијалог кој ќе биде транспарентен, континуиран и инклузивен. Заев рече дека ќе се овозможи и вклучување на опозицијата во спроведувањето, надзорот и консултацијата околу мерките во планот.
Според него, рефромите ќе се спроведат на принципиелна основа, инклузивно и ќе овозможат систематско решевање на проблемите, а не избрзани и половични решенија во интерес на граѓаните.
- Се работи за иднината на Македонија. Нашата работа почнува сега. Да ги удвоиме напорите. Имаме вистинска шанса РМ конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински да ги решиме длабоките проблеми, порача Заев.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи ги појасни мерките и активностите по области содржани во планот кои Владата мора да ги испорача, а произлегуваат од владината програма, Договорот од Пржино, итните реформски приоритети, Извештаите на ЕК и други релевантни меѓународни организации.
- Долгото чекање пред вратите на Унијата не влече назад и како што видовме изминативе две-три години не однесе во длабока политичка и институционална криза. Овој прозорец на можноста што сега се отвора, овој нов моментум на севкупен оптимизам како во земјава така и во земјите членки на ЕУ мора да го искористиме и мора да испорачаме, рече Османи и упати апел до релевантни институции да преземат одговорност за исполнување на потребните реформи.
Вицепремиерот Османи исто така упати апел до опозицијата укажувајќи дека реформскиот процес претставува наднационален предизвик.
Одговарајќи на новинарски прашања во однос на договороот за добрососедство со Бугарија, премиерот Заев посочи дека на средба на министерство ниво ќе се работи на надминување на, како што рече, уште едно мало техничко прашање од договорот, за тој целосно да се заокружи.
- Претстои период каде министрите со своите кабинети ќе одржат состанок. Се надевам дека тогаш и ќе биде решено прашањето, а пред потпишувањето имаме намера да го објавиме договорот, да отвориме дебата. Потпишувањето на договорот апсолутно ќе биде отворање врати кон евроатлантските перспективи на Македонија, но и кон зголемување на билатералната соработка меѓу двете земји, рече Заев.
Појасни дека се работи за прашање од историјата. - Тоа што е наша посебна историја е само наша историја, тоа што е заедничка е и европска историја, но е и балканска историја. Апсолутно не прејудицираме да менуваме нешто од историјата. Ние не можеме да ја смениме историјата, може да ја промениме иднината и тоа зависи од нас. Ако бидеме мудри ќе отвориме блескава иднина за нашите граѓани, рече Заев нагласувајќи дека на процесот се пристапува со целосна сериозност и преку фокусирање на работи кои не зближуваат.
Тој изрази уверување дека официјалната посета на бугарскиот премиер Бојко Борисов на Македонија, која треба да се реализира на Илинден, ќе се одржи, иако се совпаѓа со претседавањето на Македонија на состанокот на Јадранската повелба во Подгорица на 2 август, на кој ќе присуствува и американскиот потпретседател Мајк Пенс.
Во однос на прашањето за истополови бракови, премиерот рече дека Владата ќе побара мислења од експерти и ќе отвори дебата во јавноста со цел изнаоѓање решение.