Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, на прес-конференција во Собранието изјави дека формирањето десет пратенички групи е класична блокада на законодавниот дом, како и блокада на реформите и оневозможување на граѓаните да ги добијат потребите услуги од државата.
– Со ваквата блокада, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува лицемерно, себично, неодговорно и на директна штета на граѓаните. Парламентарното мнозинство, предводено од СДСМ, ќе направи сè за да не застанат реформите за кои гласаше мнозинството граѓани и кои носат добро за сите. Од авион се гледа дека опструираат за да не биде разрешен Марко Зврлевски. Ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од ваквиот несовесен потег, кој, всушност, претставува понижување и девастација на институцијата Собрание, понижување на граѓаните и на демократските вредности и е спротивен од државните и интересите на граѓаните – изјави Тунтев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ додаде дека ниту граѓаните, ниту државата не смеат да бидат заложници на неколку лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.