Спикерот Талат Џафери вечерва за Алсат изјави дека со тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ документите за парламентарните групи ги испратиле до претседателот на Собранието, де-факто ја признале неговата легитимност како спикер. Во однос пак, на тоа дека ВМРО формираше 10 парламентарни групи, Џафери призна дека не може ништо да стори во врска со тоа и оти ваквиот чекор на партијата на Груевски може навистина да го блокира Парламентот.
„Иако тие декларативно не го кажуваат тоа така, формално, фактички, де-факто, де-јуре, така е. Бидејќи документите се упатени до Собранието, односно Претседателот и тоа индиректно подразбира дека тие признаваат дека Талат Џафери е претседател на Собранието. А, фактот на толкување со секој петти пратеник да формираат парламентарна група е дискутабилен од правен аспект, но сепак за да ги намалам тензиите го премолчев тој дел на дебатата за правното толкување. Како претседател на Собранието немам механизми да го спречам парламентарното право врз основа на Деловникот за начинот како постапуваат денес. Правилникот вели дека во моментот кога координаторите или замениците координатори бараат процедурални или пауза од еден час, Деловникот предвидува дека без дебата се дава пауза. Ако тие имаат за цел да ја попречуваат работата на Собранието, тогаш го нашле начинот. Но, ако имаат за цел да придонесат за функционалноста на институциите, тогаш ова не е начин за да функционира или придонесат. Последиците од ваквите постапки политички ги плаќа субјектот кој донел таква одлука. Јас не навлегувам во нивното право на политичко дејствување“, изјави спикерот Џафери.