ВМРО-ДПМНЕ реагира до министерството за земјоделство и Владата на Република Македонија за итна исплата на субвенциите за тутун.

Тутунопроизводството е стратешка култура од која егзистираат илјадници семејства. Илјадници семејства кои оваа година со месеци ги чекаат законските субвенции. За разлика од претходните години кога субвенциите ги добиваа во првите месеци од годината, оваа година тутунопроизводителите особено од Прилеп, Кривогаштани, Новаци и од другите општини во Република Македонија, субвенциите се уште ги немаат добиено. И тоа е огромна и директна штета за илјадници семејства.

Тутунопроизводителите со парите од субвенциите набавуваат потребни репроматеријали за следната реколта но за жал оваа година беа приморани секој да се снаоѓа за набавка на репроматеријали бидејќи исплатата на субвенциите доцни со месеци. Луѓето се задолжуваат во земјоделските аптеки одложено плаќање што ја подигнува цената на репроматеријалите кои мора да ги набават, само поради тоа што субвенциите се уште ги немаат добиено. Тоа е не е фер кон оваа категорија на граѓани кои со мака ги стекнале тие субвенции.

Дополнителен револт кај тутунопроизводителите создаде изјавата на министерот за земјоделие, господинот Николовски, кој минатата недела даде изјава дека субвенциите за тутун се исплатени. Тутунопроизводителите со денови чекаа пред банките но субвенциите не им се исплатени. Според нашите информации на повеќе од половина тутунопроизводители се уште не им се исплатени субвенциите. И токму затоа го прашуваме министерот за земјоделие – Зошто се направи илјадници граѓани да чекаат пред банките за да видат дека субвенции нема?

Затоа апелираме да не се поигрува и да не се лажат тутунопроизводителите. Жално е и срамно е да се поигрува со илјадници тутунопроизводители, на 40 степени да чекаат со часови пред банките за да сфатат дека се изиграни. Нашите сограѓани тоа не го заслужуваат и никој нема право да си поигрува со тутунопроизводителите и нивната егзистенција.

Затоа бараме од министерот за земјоделство и Владата: Веднаш во понеделник да ги пуштат субвенциите на тутунарите. Бараме на секој тутунопроизводител до денар да му бидат исплатени субвенциите и да се оконча оваа голгота која за тутунопроизводителите трае со месеци и бараме да се престане со било какви изговори и манипулации.

Тутунопроизводителите имаат законско стекнато право за субвенциите и истите мора да ги добијат веднаш.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2017 20:14