Парламентарното Собрание на Советот на Европа излезе со писмена декларација посветена на Македонија насловена “ Заштита на угледот на македонската дипломатија” . Декларацијата е објавена на официјалната страна на Советот на Европа и доаѓа откако Владата на Република Македонија се обиде да го спречи поставувањето на Александар Николоски за Амбасадор и Шеф на Мисијата на Република Македонија во ЕУ.

Овој потег наидува на силна осуда во Стразбур и вкупно педесет и четири пратеници од дваесет и две европски земји ја повикаа Владата веднаш да прекине со неодговорното однесување, да не го блокира поставувањето на Николоски и на тој начин да го заштити угледот на македонската дипломатија, како и да помогне во забрзување на евроинтеграциите при што се нагласува дека поставувањето на Николоски во Брисел ќе го забрза процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.

Во продолжение писмената декларација на ПС на Советот на Европа:

“ Писмена декларација “ Заштита на угледот на македонската дипломатија”

Ја изразуваме нашата загриженост од последните активности на Владата на Република Македонија, особено кои се однесуваат на нејзиното неодговорно однесување во делот на дипломатијата.

Главната стратешка ориентација на Република Македонија е да се приклучи на Европската унија и НАТО и ние ги подржуваме тие интеграции. Овој процес е за сите граѓани и мора да биде подржан и од власта и од опозицијата. Дипломатските активности се клучни за овој процес.

Ние сме загрижени од сознанието дека Владата прави обиди да го спречи г-дин Александар Николоски да ја преземе неговата позиција како Амбасадор и шеф на Мисијата на Република Македонија во Европската Унија. Г-дин Николоски работеше девет години во Парламентарното Собрание на Совет на Европа на многу важни позиции вклучувајќи ги и Потпретседател, потоа Прв Потпретседател на Мониторинг комитетот и Прв Потпретседател на Комитетот за Политички работи и демократија. Низ неговата работа, посветеност и лични достигнувања тој беше најдобриот застапник на Република Македонија во Парламентарното Собрание. Неговата работа покажува дека и пратеници од помали држави можат да допринесат многу со нивната посветена и силна работа.

Ние сме убедени дека тој ќе биде одличен претставник на Република Македонија во Европската Унија во Брисел и ќе го забрза процесот на интеграција во Европската Унија.

Ја повикуваме Владата да престане со своите неодговорни активности и да го заштити угледот на македонската дипломатија. “

Декларацијата е потпишана од видни пратенци од држави како Италија, Белгија, Германија, Шведска, Унгарија, Литванија, Романија, Шпанија, Велика Британија,Полска, Словачка, Норвешка, Естонија, Швајцарија, Белгија, Финска, Словенија и многу други. Декларацијата за подршка на Николоски во ПС на Советот на Европа доби широк меѓупартиски консензус бидејќи е потпишана од пратеници од сите пет европски партиски групи- Европската народна партија, Европските социјалисти, Алијансата на либерали и демократи на Европа,

Европските конзервативци,како и пратениците кои не припаѓаат на ниедна партиска група.

Иако Николски ги доби агреманите од Европската Унија, сепак Владата од политички причини и според неговото тврдење со прекршување на уставот и законите реши да го блокира неговото поставување за македонски амбасадор во ЕУ.

Николоски девет години беше дел од ПС на Совет на Европа при што помеѓу другото беше и Потпретседател, а со неговото претседавање македонскиот јазик за прв пат се слушна во Парламентарното Собрание во Стразбур.

Извор: Телеграф

Советот на Европа бара од Владата да не го блокира поставувањето на Николоски во Брисел


Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2017 20:23